Црковна Општина

МПЦО “Свети Климент Охридски” – Берлин

Почетоци

Берлин, главниот град на Сојузна република Германија, бил еден од најпосакуваните дестинации за доселување на голем број Македонци. Во потрага по работа и добра заработувачка, мигрирањето започнало уште во 60-тите години на минатиот век и продолжило и во 70-тите години, се до 1975 година, кога настанало мало затишје, поради одлуката на Германија да го запре приливот на мигранти во својата земја. Во тој период доселувањето на Македонците во Германија и во другите западноевропски земји било од времен печалбарски карактер, од чисто економски, односно финансиски причини. Во почетокот, интегрирањето на Македонците во германското општество им било потешко, пред се поради непознавањето на јазикот, но и поради различната култура и менталитет. Претежно, првите доселеници биле работници со ниска стручна подготовка и своите работни ангажмани најчесто ги започнувале на градилиштата и во индустриските капацитети. Но, набрзо започнале да се привикнуваат на новата, дотогаш за нив непозната и сосема различна средина .

Вториот бран на доселување започнал по распадот на поранешна Југославија и осамостојувањето на Република Македонија, а бил инициран од незадоволството на граѓаните во Македонија, во транзицискиот период, трансформацијата на државниот капитал од државен во приватен, што довело до затворање на фабриките и масовно отпуштање на работниците.

Последниот доселенички бран започнал по олеснувањето на визниот режим и истиот се смета за најмасовен и трае се до ден-денес.

Уште од самите почетоци, на православните Македонци им недостасувал црковниот живот и задоволувањето  и исполнувањето на верските обврски и потреби, па биле принудени да одат во другите православни цркви. Но, желбата и тие да имаа свој православен храм се повеќе растела со зголемувањето на бројот на новодоселени. По извесен период од нивното доаѓање започнале меѓусебно дружење во одредени македонски клубови, но црковниот живот неопходно им бил потребен. Затоа, уште во 1973 година бил направен првиот чекор во реализацијата на нивната повеќегодишна желба  – формирање на Иницијативен одбор за основање на Македонска православна црковна заедница посветена на патронот на Македонската православна црква Свети Климент Охридски со седиште во Западен Берлин.

Формирање на црковна општина

Иницијативата за формирање Црковна општина едногласно била прифатена и потврдена од страна на Светиот архиерејски синонд на МПЦ. Тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски, Поглавар на МПЦ, Неговото Блаженство г.г.Доситеј во Берлин испратил официјална црковна делегација за да им помогне во организирањето и формирањето на Црковната општина, но, и покрај сите заложби, напори и усилби, до формирање не дошло, со изговор дека тоа го попречила и оневозможила сојузната власт на тогашната СФР Југославија.

Времето минувало, а македонското православно население во Западен Берлин не успеало да формира своја Црковна заедница.

По поминати дури 28 години, на 17-ти мај 1991 година, во просториите на Македонскиот клуб  „ Гоце Делчев“ во Берлин била формирана МПЦО  „ Свети Климент Охридски“. За таа цел во Берлин допатувала висока црковна делегација, предводена од тогашниот Митрополитот Брегалнички г.Стефан, сега Поглавар на МПЦ ОА.

На 22.11.1992 година, по добивањето на Решението за регистрација од надлежните служби во Геманија, митрополитите г.Тимотеј и г.Стефан, во сослужение на свештеникот Ефтим Бетински и ѓаконот Ратомир Грозданоски, извршиле чин Осветување на иконостасот и ја отслужиле првата Света архиерејска литургија во новоформираната Црковна општина во Берлин. Иконостасот го изработиле Трифун Ѓукиќ и Симон Николовски, а иконите ги насликале академските ликовни уметници Нове Франговски и Маја Андоновска.

Со благослов на Митрополитот Европски г.Пимен, Македонците во Берлин успеале да купат плац за изградба на православен храм каде што во 2009 година изградиле Параклис посветен на Рождеството на Пресвета Богородица.

Бидејќи МПЦО  „ Свети Климент Охридски“ во Берлин немала свој постојан парохиски свештеник, за богослужби доаѓале свештеници од Македонија, се до 2012 година, кога со одлука на надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот г.Пимен, за редовен парохиски свештеник е поставен отецот Огнен Радован Атанасоски, кој подоцна го добил монашкото име Рафаил.

Во 2019 година, по пензионирањето на парохискиот свештеник, Митроплитот г.Пимен на неговото место го поставува свештеникот Оливер Новески.

На редовните неделни богослужби присуствуваат од 30 до 70 православни верници, а  за големите Господови празници Божик и Велигден доаѓаат околу 800 верници, не само од Берлин, туку и од градовите: Дрезден, Кемниц, Лајпциг, Хале, Постдам и други помали населени места во околината на Берлин.

Изградба на нова црква

Според неофицијални податоци се претпоставува дека во Берлин и околината живеат околу 10.000 православни Македонци, чија главна преокупација е изградба на голем православен храм. За таа цел веќе е изготвен план од страна на архитектот Елена Цонева и добиено е одобрение за градење од страна на надлежните институции во Берлин .

Со Божји благослов ќе се започне со изградба на нова македонска православна црква во Берлин. Со благослов на Високопреосвештенејшиот митрополит Европски г. Пимен, на 15.09.2024 година ќе биде поставувањето и осветувањето на камен темелникот за новата црква.

Translate »